Воените капацитети на Иран „не се намалени на нула“ од американските и израелските напади, предупреди денес францускиот претседател Емануел Макрон по онлајн состанокот на шефовите на држави и влади на Групата седум индустриски најразвиени земји во светот (Г7).

Емануел Макрон го замоли американскиот претседател Доналд Трамп да ги„разјасни своите крајни цели и темпото што сака да го постави за операциите“ во Иран, објавија француските медиуми.

„Значителна штета веќе е нанесена на воените балистички ракетни капацитети на Иран, но Иран продолжува да напаѓа неколку земји во регионот и затоа неговите капацитети не се намалени на нула“, рече францускиот претседател.

Макрон рече дека „нема потврда ниту од партнерските служби ниту од француските разузнавачки служби“ за употребата на ирански морски мини во Ормутскиот теснец, додавајќи дека нивното распоредување „би било тежок избор“ за Техеран.

Трамп во вторникот изјави дека Иран се изложува на „невидени воени последици“ ако постави мини во Ормутскиот теснец, кој де факто е под иранска контрола. Наскоро, американската војска објави дека уништила 16 ирански бродови за поставување мини во близина на тој теснец.

Блокадата на Ормутскиот теснец, која го спречува протокот на 20 проценти од светското производство на нафта поради војната на Блискиот Исток, „во никој случај не го оправдува укинувањето на санкциите“ наметнати врз Русија, рече Макрон.

„Во заклучоците од овој вонреден состанок на Г7, консензусот беше дека не треба да го менуваме нашиот став кон Русија и да ги продолжиме нашите напори за Украина“, рече Макрон.

Оваа година, Франција претседава со Г7, која ја сочинуваат и Германија, Канада, САД, Италија, Јапонија и Велика Британија.

Текстот Макрон: Воените капацитети на Иран не се намалени на нула е превземен од МАКФАКС.