Заменик-министерот за економија и труд Марјан Ристески во Прилеп одржа Информативно-едукативна средба со претставници на угостителскиот сектор, земјоделци и стопанственици од Прилеп и регионот, на која беше презентиран Законот за работно ангажирање на лица како нов модел на фер и законски уреден сезонски и повремен ангажман.
Средбата се организираше во рамки на кампањата „ФЕР АНГАЖМАН“ од проектот “Подобри услови за вработување на сезонските работници во регионот на ЈИЕ”. Проектот е поддржан од Сојузна Република Германија, а го спроведуваат Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) и Центарот за истражување и креирање политики (ЦИКП) во соработка со Министерството за економија и труд и Агенцијата за вработување.
Целта на работната средба е јасно и практично да ги информира работодавачите од секторите на дејност земјоделие, туризам, угостителство, услуги во домаќинството, како и пошироката јавност за придобивките и правата уредени со Законот.
Заменик-министерот Ристески истакна дека ова законско решение е уште една алатка во борбата за формализација на сивата економија што е стратешка определба на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, бидејќи директно влијае на економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците.
– Со новиот закон воведуваме пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Новите правила овозможуваат ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери без губење на веќе
стекнати права, вклучително и социјални и детски права, паричен надоместок, пензии и права од образовниот систем – кажа заменик-министерот Ристески.
На средбата за предностите од новиот закон за вработените и работодавачите дискутираа и Александра Караевска-Димовска – советник во GIZ и Марија Ристеска – извршна директорка на ЦИКП, како и стручни лица од Министерството за економија и труд, Агенцијата за вработување, Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и Управата за јавни приходи.
Законот за работно ангажирање на лица во оваа фаза ги опфаќа секторите каде сивата економија е најизразена – земјоделство, шумарство, рибарство, сместување, сервисни дејности за храна и активности во домаќинствата, а се очекува да опфати околу 17.400 лица.
Граѓаните и работодавачите од дејностите преку надградениот систем за пријава и одјава на Агенцијата за вработување – „е-Работа“ (https://e-rabota.av.gov.mk/) имаат можност да го искористат ова право за воспоставување на фер ангажман.
Текстот Информативно-едукативна средба за Законот за работно ангажирање на лица „Фер Ангажман“ во Прилеп е превземен од МАКФАКС.























