СДСМ порача дека новиот државен јавен обвинител мора да постапува независно, професионално и непристрасно, нагласувајќи дека внимателно ќе ја следи неговата работа.

Од партијата посочуваат дека досегашните одлуки на власта покажале тенденција за поставување луѓе блиски до премиерот Христијан Мицкоски.

„Досега сите нивни одлуки се покажаа како одлуки за поставување луѓе кои ги контролира Мицкоски, како што беше примерот со неговиот советник кој го избраа за судија, или сопругата на градоначалникот на ВМРО“, наведуваат од СДСМ.

Во соопштението се посочува дека професионалниот профил на предложениот кандидат за нов државен јавен обвинител, Ненад Савески, покажува дека станува збор за човек со долгогодишно искуство, но дека клучно ќе биде дали тој ќе постапува независно од власта.

„Клучното прашање е дали новиот јавен обвинител ќе постапува независно, професионално и непристрасно или под диктат на владата“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека тие и граѓаните внимателно ќе следат дали новиот обвинител ќе има храброст да се спротивстави на притисоци и да постапува професионално, дури и во случаи кои водат до власта.