Објавена е првата авторска книга со студии за македонскиот јазик и философијата, со акцент на македонската терминологија.

„Матица македонска“ објави едно од клучните дела со коишто го одбележува својот 35-годишен јубилеј – книгата „За македонскиот јазик и философијата“ од академик Витомир Митевски, потпретседател на Македонската академија на науките и уметностите. Ова дело е резултат на долгогодишното истражување на Митевски, посветено на оваа проблематика, со повеќестран приод кон јазикот како изразно средство во различни области, а во прв ред како медиум за изразување на апстрактни содржини.

– Ова дело на акад. Витомир Митевски претставува значаен прилог во нашата наука и култура, особено поради иновативните решенија во повеќе области, оценува во рецензијата, академик Ѓорѓи Поп Атанасов.

Еден дел од трудовите во книгата „За македонскиот јазик и философијата“ ја иследуваат генезата на македнската апстрактна терминологија која води кон нејзините корени во кирилометодиевската традиција. Бројните примери на преводи од грчки на теолошки и философски дела низ вековите покажуваат дека македонскиот јазик постапно се изградувал на тој план со што се подготвувал за завршната фраза на кодификација како модерен книжевен јазик на кој може да се изразат најсложените идеи од различни области. Како што укажува Митевски, сведоци за тоа посебно се објавените преводи кои се појавија во последниве три децении.

Некои од текстовите во книгата се посветени на поединечните философски поими кои нашле свој соодветен терминолошки израз. Тука во прв ред е обработен поимот на философијата во духот на кирилометодиевската традиција, а одделно се расправа и за посебните термини како што се: философија, доблест, благовремие итн. Се истражуваат и употребата и значењето на традиционалните епитети во епската поезија кои го изразуваат односот кон светот на другите како и проблемот на именувањето на земјите и народите кој претставува одраз на односот на народите едни спрема други. Посебно место во изданието зазема истражувањето на крупните поими од античката философија како што се душата, љубовта, светот и други, а исто така и нивниот јазичен израз во македонскиот јазик.

Со оглед на фудаменталното место на македонскиот јазик во истражувањата коишто резултираат со оваа, најнова книга на академик Витомир Митевски, но и со темелитиот, иновативен пристап во нив, „За македонскиот јазик и философијата“, веќе се издвојува како една од клучните публикации за македонистиката во овој период. Со своите над триесет книги, Митевски е еден од македонските филозофи со најголем научен опус, а со неговата посветеност на македонистичките теми, вклучително и долгогодишната посветеност на творештвото на Григор Прличев, меѓу нашите современици филозофи, тој има остварено и најголем влог во македонистиката.

По повод својот јубилеј, 35 години постоење, „Маица македонска“ најавува дека ќе бидат објавени голем број клучни дела од македонски автори.

Текстот Oбјавена книгата „За македонскиот јазик и философијата“ од академик Витомир Митевски – клучно дело за македонистиката е превземен од МАКФАКС.