СДСM е изгубен во сопствениот ПР и секојдневно ја губи довербата на граѓаните, а политичката криза во партијата дополнително се продлабочува со конфузијата во нивната комуникација со јавноста, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека Сoцијалдемократскиот сојуз тоне во сопствениот ПР на лаги, манипулации и деструкција, што дополнително придонесува за падот на довербата кај граѓаните.
„СДС и Филипче се обидоа да стекнат политички поен плус ширејќи лаги за наводни мигранти во Македонија, но беа демантирани од сите релевантни институции. Филипче и СДС беа демантирани и од британскиот амбасадор, но сепак продолжија со лагите и измислиците“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како што велат, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, тврди дека никогаш не говореле за мигрантски кампови во Македонија, иако самиот изјавил дека Македонија станува голем мигрантски камп и црна точка во Европа.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека колку повеќе спинови пласира СДСМ, толку поочигледна е нивната политичка слабост и немоќ.
„СДС нема стратегија ниту за партијата, ниту пак за државата. СДС на чело со Филипче, а под менторство на Заев се сведе на трета партија во државата на ниво од 130.000 гласа“, се додава во соопштението.
Партијата обвинува и дека СДСМ има конзистентна пракса на креирање спинови и испраќа контрадикторни пораки, при што, како што наведуваат, функционери од истата партија меѓусебно се демантираат, а фактите се извртуваат или селективно се презентираат.
„Наместо да им се извинат на граѓаните, СДС и Филипче шират лаги и ја трујат јавната дебата, предводени од српските ПР агенции на чело со Башановиќ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека на Македонија ѝ е потребна конструктивна опозиција со конкретна визија и проекти, а не, како што наведуваат, партија која шири страв и сее паника.























