Три дена откако беше именуван за наследник на неговиот убиен татко, на позицијата врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи сè уште не се појавил јавно ниту дал никакви изјави. Една причина е загриженоста за безбедноста дека секоја комуникација би можела да ја открие неговата локација, но друга, според тројца ирански функционери, е фактот дека 56-годишниот Хамнеи е повреден, објавува „Њујорк тајмс“.

Иранските функционери, зборувајќи под услов на анонимност, рекоа дека високи владини извори им потврдиле дека Хамнеи е повреден, вклучително и во нозете, но бил свесен и однесен на високо безбедна локација со ограничени комуникации.

Тој бил повреден на 28 февруари, рекоа тие, истиот ден кога неговиот татко, ајатолахот Али Хамнеи, бил убиен во израелски воздушен напад врз лидерскиот комплекс во центарот на Техеран. Во нападот загинаа и мајката, сопругата и синот на новиот врховен лидер, како и неколку високи ирански одбранбени функционери.

Информацијата за повредата ја потврдија двајца израелски воени функционери. Тие велат дека разузнавачките информации собрани од Израел, исто така, укажуваат дека Хамнеи ги повредил нозете на 28 февруари. Како што велат, до тој заклучок дошле дури и пред тој да биде избран за нов врховен лидер во неделата. Околностите и точниот степен на повредите на Хамнеи сè уште се непознати.

Текстот „Њујорк тајмс“: Моџтаба Хамнеи е повреден и е на безбедна локација е превземен од МАКФАКС.