Извозот на енергенси од Блискиот Исток е намален на околу 10 проценти од предвоеното ниво поради блокадата на Ормускиот теснец, предупреди Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).
Министрите за енергетика на земјите од Г7 разговарале за можноста координирано да се пушти нафта од стратешките резерви за да се стабилизира пазарот.
САД и Израел пред десетина дена го нападнаа Иран, по што Техеран возврати со напади врз Израел и американски бази во земјите од Персискиот Залив. Иранската морнарица соопшти дека презела контрола врз Ормускиот теснец и го ограничила транзитот на бродови поврзани со САД, Израел и европските земји.
Според ИЕА, транзитот на нафта низ Ормускиот теснец значително се намалил. Во 2025 година низ теснецот во просек поминувале околу 20 милиони барели нафта и нафтени производи дневно, што претставува околу четвртина од светската трговија со нафта по морски пат.
Поради ваквата ситуација, земјите извозници се принудени значително да го намалат производството на нафта и течен гас.
ИЕА предупредува дека нарушувањата во транспортот можат да влијаат и врз испораките на други стоки, особено на вештачки ѓубрива, што носи ризик од поскапување на храната и проблеми во снабдувањето.
Земјите членки на ИЕА во моментов располагаат со повеќе од 1,2 милијарди барели нафта во стратешките резерви, а дополнителни 600 милиони барели држат енергетските компании.
Министрите на Г7 побарале од ИЕА да подготви сценарија за евентуално пуштање на нафта од резервите доколку состојбата на пазарот дополнително се влоши.
Текстот Извозот на енергенси од Блискиот Исток падна на 10 проценти од предвоеното ниво е превземен од МАКФАКС.























