Фото: Kowloon Walled City во музејот на минијатури Small Worlds во Одаиба, Токио (Depositphotos)
Сè до 1994 година во Хонг Конг постоел мал, но неверојатно густо населен дел од градот, кој изгледал како сценографија од некој дистописки филм. Станува збор за Kowloon Walled City – место толку пренатрупано што е тешко да се замисли дека неговите жители воопшто можеле да живеат во такви услови.
Зградите биле натрупани една до друга, премините биле тесни и темни, а целата област долго време била надвор од вистинска контрола на властите. Градот бил преполн со ѓубре, поврзан со криминал и познат по речиси целосна анархија.
Историчарите велат дека Kowloon кај многумина предизвикувал љубопитност и страв, а ретко кој се осмелувал да го посети, пренесува „Пун Куфер“.
Се проценува дека во градот имало околу 300 меѓусебно поврзани кровови на кои децата играле фудбал, а возрасните сушеле алишта или ги набљудувале авионите кои слетувале на блискиот аеродром Кај Так.
Иако подоцна станал синоним за беззаконие, Kowloon првично имал сосема поинаква улога.
Основан е во 1668 година како кинеска воена испостава на истоимениот полуостров. Ситуацијата се променила по Првата опиумска војна, кога во 1843 година Хонг Конг потпаднал под британска колонијална власт. Сепак, утврдениот град опкружен со ѕидини, топови и стражарски кули останал под кинеска управа.
Во 1898 година Британија и Кина потпишале договор со кој Хонг Конг бил даден под 99-годишен закуп на британската круна. Иако поголемиот дел од територијата тогаш преминал под британска контрола, Kowloon останал правно нејасна област.
По падот на династијата Ќинг во 1912 година и за време на кинеската граѓанска војна, илјадници бегалци почнале да пристигнуваат во Хонг Конг, а многумина засолниште нашле токму во рамките на ѕидините на Kowloon. Бројот на жители така за само неколку децении пораснал од неколку стотици на десетици илјади луѓе.
Од педесеттите до осумдесеттите години кинеските криминални групи имале значително влијание во градот, па Kowloon станал жариште на проституција, дрога и коцкање, иако поголемиот дел од жителите не биле вклучени во нелегални активности.
Жителите живееле во своевиден правен вакуум. Ниту колонијалната власт на Хонг Конг, ниту кинеската влада всушност не управувале со градот. Kowloon бил рај за криминални активности, но жителите се обидувале да го подобрат животниот стандард и да создадат место во кое нивните потомци ќе можат да живеат безбедно.
Тоа не се остварило, бидејќи во 1987 година бил донесен план за уривање на градот. Kowloon до крајот на 1994 година бил целосно уништен, а само една година подоцна на тоа место бил отворен истоимениот парк – денес популарна туристичка дестинација.
Текстот 35.000 луѓе во 350 згради: „Мрачниот град“ во кој владееле криминал и анархија е превземен од МАКФАКС.























