Една недела откако претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, остро ја нападна шпанската влада, нарекувајќи ја „ужасна“ и заканувајќи се дека ќе ги прекине трговските односи со Мадрид, во Шпанија продолжуваат дипломатските и политичките контроверзии.
Сепак, најголемиот бран критики во Мадрид е насочен не само кон Вашингтон, туку и кон Берлин. Според порталот „Политико“, шпанската политичка елита е огорчена од однесувањето на германскиот канцелар Фридрих Мерц за време на состанокот во Белата куќа, каде што, како што се проценува, тој останал нем додека Трамп јавно ја критикувал Шпанија.
Шпанската вицепремиерка Јоланда Дијаз изјави дека овој пристап е пример за слабоста на европското политичко водство. Според неа, Мерц е меѓу лидерите на Европската Унија кои „немаат поим како да го управуваат историскиот момент во кој живееме“.
Таа истакна дека во овој момент на Европа ѝ е потребно „лидерство, а не вазали кои му оддаваат почит на Трамп“, алудирајќи на начинот на кој некои европски лидери реагираа на изјавите на американскиот претседател.
Од друга страна, германскиот канцелар се обиде да го ублажи впечатокот што го остави неговото појавување во Овалната соба. Мерц по средбата со Трамп објасни дека не сака јавно да реагира за да не ја влоши дополнително ситуацијата, пишува медиумот.
Според неговите зборови, тој подоцна му го пренел на американскиот претседател, во разговор зад затворени врати, ставот дека санкциите не можат да се наметнат врз ниту една земја-членка на Европската Унија.
Сепак, таквото објаснување не го ублажи незадоволството во Мадрид. Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Луис Албарес оцени дека однесувањето на германскиот канцелар е разочарувачко, нагласувајќи дека не може да замисли дека поранешните канцелари Ангела Меркел или Олаф Шолц би молчеле во слична ситуација.
Критиките набрзо се проширија на страниците на шпанскиот печат. Во коментарите и анализите на одредени медиуми, Мерц беше опишан како „кукавица“, додека уредничките статии на одредени весници оценија дека „не успеал да го брани европскиот партнер на начин што го бара основното чувство на солидарност“.
Како што наведува „Политико“, таквата отворена и јавна размена на критики меѓу Мадрид и Берлин е прилично невообичаена, имајќи предвид дека двете земји одржуваат многу добри односи со децении. Без оглед на политичките разлики, лидерите на Шпанија и Германија традиционално негуваат тесна соработка и партнерство во рамките на Европската Унија.
Текстот Мадрид го обвинува Мерц за кукавичлук пред Трамп е превземен од МАКФАКС.























