Истрагата на Обвинителството на Сараевскиот кантон за тешката сообраќајна несреќа што се случи на 12 февруари е сè уште во тек. Ердоан Моранкиќ, студент на Академијата за ликовни уметности во Сараево, загина во несреќата, кога трамвајот излета од шините, а Ела Јовановиќ, студентка во Католичкиот училишен центар, беше тешко повредена. Три лица се здобија со полесни повреди.
На денот на несреќата, снимките од автомобилот на еден турист станаа вирални. Вчера, Avaz објави снимки од надзорните камери на Националниот музеј во Сараево, на кои се гледа како трамвајот влегува на раскрсницата со голема брзина пред да излета од шините.
Klix доби потврда дека минатата недела амбасадата на САД предала снимки од своите надзорни камери до надлежните институции во Сараево. Камерите ја покриваат целата трамвајска рута од Железничката станица до музејот каде што се случила несреќата.
Истрагата е комплицирана поради фактот што камерата за надзор во трамвајот што излетал од шините не работела, па затоа сега е тешко да се утврди што точно се случило, или дали однесувањето на возачот било соодветно. По форензичката обработка на хард дискот на трамвајот, утврдено е дека последната снимка од кабината на трамвајот е снимена на 29 ноември минатата година.
Возачот на трамвајот, Аднан Касаповиќ, беше уапсен по несреќата, но подоцна беше пуштен да се брани од слобода. Според официјалните информации, тој во моментов е единствениот осомничен во овој случај.
фото/Depositphotos
Текстот Објавени нови снимки од стравичната трамвајска несреќа во Сараево е превземен од МАКФАКС.























