САД размислуваат за координација со други земји за продажба на нафта од своите стратешки резерви поради зголемувањето на цените предизвикани од војната со Иран, потврди во понеделник американскиот министер за енергетика Крис Рајт, објави Ројтерс.

Цените на нафтата на глобалните и американските пазари во понеделник го достигнаа највисокото ниво од август 2022 година. Зголемувањето се случи откако војната што ја водат САД и Израел доведе до блокада на танкери и прекини во производството на нафта на Блискиот Исток.

Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), која го надгледува енергетскиот сектор на западните земји, во понеделник повика на координирано ослободување на нафта од резервите. Земјите-членки на Г7 се согласија внимателно да ја следат ситуацијата на енергетските пазари, но одлука за ослободување на резервите сè уште не е донесена.

Фатих Бирол, шеф на ИЕА, во понеделник ги информираше министрите за финансии на Г7 дека членовите на агенцијата имаат повеќе од 1,2 милијарди барели јавни резерви за итни случаи. Покрај тоа, владите ја обврзуваат индустријата да чува дополнителни 600 милиони барели резерви.

Американски резерви и други опции
Само американските стратешки резерви на нафта (SPR), лоцирани покрај брегот на Тексас и Луизијана, содржат 415 милиони барели нафта, повеќе од четиридневна светска потрошувачка. „Зборуваме за координирано ослободување на нафта од стратешките резерви“, изјави Рајт за новинарите во објект за природен гас во Колорадо.

Рајт, исто така, спомена дека САД имаат „некои други опции“ што би овозможиле поголема продажба на руска нафта што моментално се наоѓа во танкери во Азија. Тој ја наведе како пример одлуката на Вашингтон кон крајот на минатата недела да одобри 30-дневно ослободување за да ѝ дозволи на Индија да купува руска сурова нафта блокирана на море.

Секретарот Рајт потврди дека САД не размислуваат за воведување ограничувања на сопствениот извоз на енергија како мерка за контрола на цените.

Текстот САД разгледуваат координирано испорачување на нафта поради војната со Иран е превземен од МАКФАКС.