Никица Корубин
Historia est testis temporum, lux veritatis, vita memoriae, magistra vitae, nuntia vetustatis – “Историјата е сведок на времето, светлина на вистината, живот на сеќавањето, учител на животот и гласник на антиката”, вели Марко Тулиј Цицерон, римскиот државник и филозоф. Но, се чини дека кога субјективната и тенденциозна намера за перцепирање и прикажување на реалноста доминира, лесно се брише секое историско познавање.
Доколку воопшто постои, како претпоставена норма за било каква пристојна, базична дискусија на темата. Актуелната тема за Иран, теократска авторитарна држава, чија бруталност и некомпатибилност со темелите на меѓународниот правен поредок, (не)вешто се крие позади славната историја на Персија. Иако, останува нејасно какви допирни точки воопшто има “милитаризираниот” ислам, како политичка алатка на современата иранската власт со античката медска и персиска култура?
И оваа површна апсурдна позиција на криење на вистинскиот, суштински анти-демократски став на толеранција, симпатии и фасцинација од авторитарен и тоталитарен режим; во името на “меѓународниот правен поредок”; да не е опасен поради импликациите и севкупната состојба; ќе беше прилично комичен, на ниво на историска лакрдија.
На страна што и замислената претстава за античка Персија, не кореспондира со реалните историски факти за самата држава Персија, несомнено најмоќната воена и финансиска сила во 6-от и 5-од век п.н.е, создадена на темелите на медското кралство со пораз и освојување на постарата асирска, феникиска и египетска култура. За сопственото време, далеку побрутална (преку манирите и обичаите на владеење и казнување) од соседните цивилизации.
Всушност, “никулците” на космополитизмот и универзализмот на она што денес го нарекуваме “западна култура”; настанува токму во судирот на “хеленскиот свет”, Македонија, Тракија, Епир, Илирите заедно со културите во Мала Азија (Феникија, Сирија, Лидија, јонската обала); токму со кралството на Персија – т.н “грчко-персиски” војни, главна тема на легендарната “Историја” на “првиот историчар” во светот Херодот.
И некои иманентно-метафорички точки и настани, се случуваат токму за време на таа војна – од “првиот маратон” спротиставувањето на Атињаните на “маратонското поле” во 490 г.п.н.е на моќната персиска војска до битката кај Термополите во 480 г.п.н.е и херојскиот крај на славните Спартанци на Леонида. Во која и македонскиот крал Александар Први, иако во улога на персиски вазал, “за љубов на Хелените” го насочува исходот на целата војна.
Александар Први од аргеадската династија под симболот на “славното сонце од Вергина”. За да нема забуна, доколку некој современ “патриот” добие желба за симпатии за “современите Персијци” – Иранците; како шеговита забелешка на демонстрирање на фрапантно историско непознавање, деновиве.
Истиот Александар Први, ќе ја има храброста да ја ликвидира на македонскиот кралски двор, целата делегација на кралските персиски пратеници на кралот Ксерск; поради која акција ќе мора да ја даде сопствената сестра за жена на персискиот двор, како стандарден политички маневар во тие времиња.
Иако, всушност оваа симболична храброст на Александар Први е само основа за вистинска храброст и генијалност на несомнено најславниот светски владетел и генијален воен стратег, наследник од истата аргеадска династија, кој после век и половина дефинитивно ќе го уништи персиското кралство – Александар Велики. И целото богатство од персиските ризница кое ќе биде пренесувано со години во македонските кралски ризници, нема да може да се потроши во следните 300 години, до доаѓањето на Римјаните.
И тој пораз на Персија, е всушност “официјалниот” зачеток на она што низ вековите што следат ќе се обликува низ различни историски периоди и политички формации, во она што денес го знаеме како “западна култура”, која е темелот на меѓународниот правен поредок и која е практикувана (помалку или повеќе) од целиот свет. Фасцинантен историски и цивилизациски континуитет; во кој на пример е заборавен придонесот на Феникија (денешна Либан), која преку алфабетот ја подарува писменоста на голем дел од светската популација, вклучително и нашата писменост. Па, чуму тогаш нема сочувство и за Либан, како за Иран?
А, всушност современите емоции, кај нас, за режимот во Иран и немаат врска со историјата која со таква леснотија се (зло)употребува, како што со истата леснотија и се “исмејува” и “западната култура”, експресно заборавајќи на “нашиот загрозен идентитет” кој историски и како културно наследство и припадност кон “источно медитеранските цивилизации” досега се’ до овие историски судири и турбуленции, како активен учесник на нејзино создавање. Не се знае која “страна да се фати”, во стравот од губењето на уште еден тоталитарен режим, на големите поборници за “владеењето на правото” и “исправање на светската неправда”.
Падот на Александар Велики, помеѓу македонската аристократија и војска, започнал кога тој започнал да ги практикува персиските обичаи – во облекувањето и во проскинезата (поклонување до под пред владетелот), како форма на подаништво која требала да се укаже на кралот. Тоа било апсолутно неприфатливо за неговите Македонци, со далеку “подемократски” начин на владеење (монархија и воено собрание).
Неговите современици не ја разбрале (или не сакале да ја разберат) неговата желба за мешање на културите и создавање на космополитски свет, кој и ќе биде создаден од неговите наследници кои ќе владеат следните 300 години со целиот Исток до Индија, и целиот Источен Медитеран а кој ќе биде превземен, како концепт, урбанизам, законодавство, организација, култура од Римјаните и проследен како цивилизациска и културна еволуција се’ до денес, дефиниран како “западна култура”.
И, затоа, само можеби, некој не може или не сака да ги разбере процесите што се одвиваат во моментов. И кој ја дефинираат културата која ја наследуваме и градиме, за нас и за иднината; затоа што историјата е “учител на животот и гласник на антиката, сведок на времето и светлина на вистината”.























