Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во пресрет на денешното обраќање пред амбасадорите на ЕУ, е цел на сè погласни критики од дипломатите кои тврдат дека таа ги надминува границите на своите овластувања и зборува за прашања за кои, според нив, не е компетентна.
Девет дипломати, функционери и заменици од различни делови на ЕУ изјавија за бриселскиот портал „Политико“ дека некои престолнини се незадоволни од начинот на кој Фон дер Лајен реагираше на почетокот на војната на Блискиот Исток, дипломатските напори во врска со Газа и прашањето за проширувањето на ЕУ.
Дипломатите го пофалија лидерството на Фон дер Лајен во врска со Украина и за време на пандемијата Ковид-19. Сепак, кога станува збор за сложена политика на Блискиот Исток, или исклучително чувствителното прашање за проширувањето на ЕУ, тие тврдат дека претседателката на Комисијата јавно изразила ставови, како што е очигледната поддршка за промена на режимот во Иран, кои одат подалеку од заедничката позиција на земјите-членки, објавува „Политико“.
„Проблемот е што претседателката јавно излегува со идеи и на некој начин ја обврзува Европската Унија, без претходна консултација со земјите-членки“, рече еден висок дипломат на ЕУ вклучен во дискусиите за надворешна политика, кој побара да остане анонимен, пренеасува медиумот.
„Таа кажува работи што не се во нејзиниот мандат“, додаде тој.
Сепак, комисијата ги отфрла критиките и инсистира дека фон дер Лајен ја врши својата работа правилно. Претседателот покажува „политичко лидерство во надворешната политика на Комисијата“ во согласност со договорите на ЕУ, рече портпаролот на Комисијата. „Контактите со други светски лидери се составен дел од одговорноста на претседателката фон дер Лајен, или билатерално, мултилатерално или преку иницијативи предводени од ЕУ, како што се настани во рамките на Глобалната порта“, голема инвестициска иницијатива на ЕУ за поттикнување инвестиции во одржлива инфраструктура низ целиот свет.
Сепак, истакнува „Политико“, незадоволството од позициите на фон дер Лајен во надворешната политика ќе биде во позадина на годишната конференција на амбасадори што започна денес во Брисел.
Пратениците, кои, за разлика од дипломатите, можат јавно да зборуваат, велат дека тензијата меѓу извршната власт на ЕУ, Европската служба за надворешна акција и Советот расте и води кон распад.
„Мора да одлучиме дали сакаме институционална промена, односно дали сакаме да ѝ дадеме на Комисијата повеќе функции во надворешната политика“, рече Начо Санчез Амор, шпански претставник од групата на социјалистите и демократите.
Вистина е дека европските главни градови ѝ дадоа голема поддршка на фон дер Лајен, бидејќи таа постепено добиваше поголема моќ од кој било од нејзините претходници. Но, како што нејзиниот дипломатски ангажман се проширува сè повеќе, некои гледаат јасен предупредувачки сигнал во ова – потребата да се заштитат надлежностите на националните држави, заклучува „Политико“.
Текстот „Политико“: Расте бунтот против Фон дер Лајен, таа се меша во сè, се занимава со она за што не е одговорна е превземен од МАКФАКС.























