Голем пожар зафати зграда веднаш до Централната станица во Глазгов, принудувајќи евакуации и предизвикувајќи делумно уривање. Сите железнички услуги на горниот кат од најпрометната станица во Шкотска се откажани, а станицата ќе остане затворена до понатамошно известување. Никој не е повреден во пожарот, кој избувна во недела попладне, јавува Би-Би-Си.

Пожарот избувнал во продавница за е-цигари на улицата Јунион, а потоа се проширил на остатокот од зградата позната како Јунион Корнер. Викторијанската зграда, која е наведена како зграда со културно наследство и датира од 1851 година, делумно се урнала во рок од неколку часа од пожарот. Шкотската противпожарна и спасувачка служба соопшти дека повеќе од 60 пожарникари и 15 возила биле вклучени во интервенцијата.

Екипите биле повикани на местото на настанот околу 15:45 часот по локално време, но пожарот се проширил во текот на вечерта. Иако на почетокот се гледал само чад како излегува од зградата, во рок од неколку часа се појавил отворен пламен, што очевидци на социјалните медиуми го опишале како „катастрофален“. Новинарите на терен објавиле дека виделе како куполата на аголот од зградата се урива.

Текстот (Видео) Огромен пожар на Централната железничка станица во Глазгов: евакуации поради уривање на зграда е превземен од МАКФАКС.