Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи изјави дека новиот врховен лидер на Иран ќе го избере иранскиот народ, а не американскиот претседател Доналд Трамп.

Тој реагираше на изјавата на Трамп дека би требало да учествува во изборот на следниот ирански лидер.

„Никому не му дозволуваме да се меша во нашите внатрешни работи. Исклучиво иранскиот народ ќе го избере својот нов лидер“, изјави Арагчи во емисијата „Мит д прес“.

Тој исто така побара Трамп да се извини за, како што рече, убиствата и разурнувањата што САД ги предизвикале во Иран и во регионот.

Арагчи додаде дека засега никој не знае кој ќе биде следниот врховен лидер, иако во јавноста кружат информации дека телото задолжено за избор на нов лидер веќе избрало наследник на ајатолахот Али Хамнеи.

„Кружат многу гласини, но мора да почекаме Советот на експерти да се состане и да гласа за нов врховен лидер“, изјави тој.

Советот на експерти е тело составено од 88 високи верски лидери кое го избира врховниот лидер на Иран, а неговите членови се избираат на избори од иранските гласачи.

Арагчи изјави дека додека Советот не се состане, со земјата управува привремен совет на раководство и дека иранските институции продолжуваат нормално да функционираат.

Тој нагласи и дека Иран нема да го прифати барањето на Трамп за безусловно предавање.

„Никој не сака оваа војна да продолжи“, изјави Арагчи, додавајќи дека Иран ќе продолжи да дејствува во самоодбрана.

Според него, Иран не ги напаѓа соседните држави, туку американски објекти и инсталации во арапските земји во Персискиот Залив.

Фото: ЕПА

Текстот Техеран му порача на Трамп: Не се мешајте во изборот на новиот ирански лидер е превземен од МАКФАКС.