Премиерот Христијан Мицкоски ги повика сите жртви на насилство да ги пријавуваат случаите и да не ги повлекуваат поднесените пријави, нагласувајќи дека само така институциите можат да реагираат.
„Сите жртви на насилство да пријават, да не ги повлекуваат пријавите за да може системот да реагира“, изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој посочи дека повлекувањето на пријавите го оневозможува институционалното постапување.
„Ако жртвата на насилство – булинг од најрана возраст, семејно насилство – ако таа пријава биде повлечена, не постои систем во светот кој би можел да реагира“, рече Мицкоски.
Премиерот додаде дека пријавувањето и истрајноста во постапката се важни за да се спречат понатамошни последици.
Претходно денес, Министерството за внатрешни работи соопшти дека во последните две недели поднесени се 21 кривична пријава за вкупно 25 кривични дела поврзани со семејно насилство, од кои шест пријави се поднесени по брза постапка. Како што соопшти МВР, на подрачјето на СВР Скопје се поднесени и пет кривични пријави за родово базирано насилство, од кои три за „загрозување на сигурноста“ и две за кривичното дело „демнење“. Во овие случаи се изречени пет мерки притвор, како и една мерка на претпазливост на подрачјето на СВР Скопје.
Текстот Мицкоски со апел до жртвите: Пријавувајте насилство и не ги повлекувајте пријавите за да може системот да реагира е превземен од МАКФАКС.























