Израелскиот премиер, Бејамин Нетанјаху, во видеопорака изјави дека војната против Иран ќе продолжи „без прекин и без компромиси“. Тој нагласи дека Израел има „организиран план со многу изненадувања“ за следната фаза од војната со Иран, со цел „да се дестабилизира режимот и да се овозможат промени“.
Обраќајќи им се на припадниците на Иранската револуционерна гарда, Нетанјаху порача: „И вие сте на наш нишан. Кој ќе го положи оружјето, нема да му се случи ништо. Кој нема да го направи тоа, сам ќе ги сноси последиците.“
На иранскиот народ Нетанјаху му порача дека се приближува моментот на вистината.
„Не се обидуваме да го поделиме Иран. Се обидуваме да го ослободиме Иран. Но на крајот од вас ќе зависи дали Иран ќе биде ослободен“, нагласи тој.
„Американско-израелскиот сојуз е посилен од кога било“
Нетанјаху рече дека таквото ослободување на Иран би можело да донесе мир меѓу Израел и Иран.
Тој истакна дека американскиот претседател, Доналд Трамп, на нивната средба во декември му рекол: „Биби, мора по секоја цена да го спречиме Иран да дојде до нуклеарно оружје.“
Нетанјаху му се заблагодари на Трамп за историското лидерство во американско-израелскиот сојуз кој е посилен од кога било. Додаде дека Израел стои покрај други земји кои биле нападнати од Иран и тврди дека многу држави му се обраќаат на Израел барајќи соработка.
„Ќе направиме сè што е потребно за да ги заштитиме нашите граѓани“
Тој ги обвини Обединетите нации за молк, тврдејќи дека не реагирале кога, како што рече, Иранците биле убивани.
„Кога покојниот врховен водач Али Хамнеи убиваше Иранци, каде беше ОН? Каде беа многу држави на Запад?“, праша Нетанјаху.
Тој додаде дека денес многу земји гледаат на кого можат да се потпрат и дека „Израел е светилник на сила и надеж“.
Нетанјаху ја предупреди и либанската влада дека има обврска да го спроведе договорот за прекин на огнот од 2024 година и да го разоружа Хезболах.
„Ако либанската влада не го направи тоа, нападите на Хезболах ќе донесат катастрофа за Либан. Време е и вие да ја земете својата судбина во свои раце“, порача тој.
На крајот, израелскиот премиер нагласи дека Израел „ќе направи сè што е потребно за да ги заштити своите градови и своите граѓани“.
Фото: Depositphotos
Текстот Нетанјаху до Иранците: Се приближува моментот на вистината е превземен од МАКФАКС.























