Иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, повтори дека Техеран „не ги нападнал пријателските и соседните земји, туку ги гаѓал американските воени бази, постројки и објекти во регионот“.
Ова следува по претходно снимена порака во која им се извини на соседните држави од Персискиот Залив и изјави дека привременото раководство на Иран одобрило прекин на нападите или ракетните удари врз нив, освен ако напад врз Иран не потекнува од нивна територија.
Во објави на социјалните мрежи тој напиша: „Исламската Република Иран секогаш го нагласувала зачувувањето и продолжувањето на пријателските односи со владите во регионот врз основа на добрососедство и меѓусебно почитување на националниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тоа не го поништува вроденото право на Иран да се брани од воената агресија на Соединетите Американски Држави и ционистичкиот режим.“
„Ќе стоиме и ќе се спротивставуваме до смрт за да ја одбраниме нашата земја. Не ги нападнавме нашите пријателски и соседни земји, туку ги гаѓавме американските воени бази, постројки и објекти во регионот“, нагласи тој.
Фото: Depositphotos
Текстот Иранскиот претседател: Гаѓавме американски бази, не пријателски и соседни земји е превземен од МАКФАКС.























