Обвинителството предложи притвор и поведе постапка за сопругот на сега починатата Ивана Јовановски која со ќерката скокна од шестиот кат од станот на 2 март во скопската населба Карпош. Сопругот ќе биде гонет за наведување на самоубиство и помагање во самоубиство, телесна повреда и загрозување на сигурноста.
Според Обвинителството, од кривичната пријава и дополнително прибавените докази произлегува дека во периодот од 2019 година до 2 март, кога оштетената донела одлука да си го одземе животот, осомничениот – нејзиниот сопруг со кој била во бракоразводна постапка – во повеќе наврати физички и психички ја малтретирал. Тој, како што се наведува, постојано ја навредувал, ја тепал, ја понижувал и ѝ нанесувал видливи повреди по телото.
Овие настани, според Обвинителството, биле пријавувани во надлежните институции од страна на оштетената, но и од очевидци и други сведоци. Насилството, како што се наведува, се интензивирало во текот на 2025 и 2026 година.
„На 2 март, во безизлезна состојба, оштетената го зела во раце шестгодишното дете и скокнала од балконот на шестиот кат од станот во кој живееле, при што двете паднале на бетонската подлога пред зградата и починале на лице место. Според доказите, на критичниот ден осомничениот најпрво ѝ се заканувал и започнал да ја удира во близина на нејзиното работно место. Потоа, додека се возеле со автомобил управуван од трето лице кон Основниот кривичен суд Скопје, продолжил да ѝ се заканува дека ќе ја убие. Во близина на судот повторно физички ја нападнал и ѝ нанел телесни повреди, при што кај неа биле констатирани хематоми по главата и телото“, велат од Обвинителството.
Подоцна, откако од училиште ја зеле шестгодишната ќерка, сведокот ги однел до нивниот дом за оштетената да се спакува и да замине кај мајка ѝ. Додека сведокот и осомничениот чекале пред зградата, оштетената се заклучила во станот со детето, по што го извршила самоубиството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и вештаци, како и опасност од повторување на кривично дело. Обвинителството информира дека продолжува да прибира докази за случајот.
Текстот Сопругот ја истепал Ивана Јовановски на денот на трагедијата и и’ се заканувал дека ќе ја убие, соопшти Обвинителството, предложен е притвор е превземен од МАКФАКС.























