Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 55-годишен маж осомничен за убиство во обид, а против него е поведена и постапка за загрозување на сигурноста, соопшти обвинителството.

Според информациите, на 1 март во семејниот дом, во присуство на уште едно лице, при вршење семејно насилство, осомничениот се обидел да ја лиши од живот својата сопруга. Тој извадил пиштол што го поседувал со дозвола, го репетирал и испукал еден куршум кој поминал покрај оштетената, се одбил од паркетот и завршил во прозорецот.

Потоа се симнал на долниот кат и на двете ќерки им кажал дека пукал во нивната мајка, по што тие заедно со оштетената го напуштиле домот.

Според обвинителството, на 5 март осомничениот повторно се заканувал со пиштолот на сопругата, во присуство на двете деца, со намера да ја вознемири и исплаши.

Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и постапката, како и опасност да го доврши кривичното дело.

Фото: depositphotos

Текстот Семејно насилство во Скопје: Со пиштол пукал кон сопругата, куршумот се одбил од паркетот и завршил во прозорецот е превземен од МАКФАКС.