Камениот мост ќе заблеска во ново светло. Едно од најпрепознатливите обележја на Скопје, Камениот мост, наскоро ќе добие декоративно и архитектонско осветлување, кое ќе ја истакне неговата историска убавина и симболика, објави градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

„Денес остварив протоколарна средба со делегација од турската Општина Есенлер и со раководството на Халкбанк АД Скопје, на која потпишавме Протокол за пријателство и заедничка соработка за имплементација на проектот за декоративно и архитектонско осветлување на Камениот мост“, објави градоначалникот.

Тој додава дека со реализацијата на овој проект, Камениот мост, еден од главните симболи на Скопје и значајно културно-историско наследство, ќе добие современо декоративно осветлување, внимателно усогласено со неговите архитектонски карактеристики.

„Во рамките на проектот ќе бидат поставени современи LED светилки, рефлектори и системи за контрола на осветлувањето, со што мостот ќе добие нова естетска димензија и уште посилно ќе го истакне својот историски идентитет.  Со новото декоративно осветлување, Камениот мост ќе добие уште поголема препознатливост и ќе стане вистински ноќен симбол на Скопје, кој ќе ја истакне богатата историја и убавината на нашиот град“, вели Ѓорѓиевски.

Текстот Ѓорѓиевски најави декоративно осветлување на Камениот мост е превземен од МАКФАКС.