Во текот на ноќта е вандализиран Бугарскиот културен клуб „Иван Михајлов“ во Битола, реагираше Љупчо Ѓоргиевски на својот Фејсбук профил со став во кој го осудува нападот, пренесува Трибуна.
„Оставаме настрана вулгарноста, својствена за носителите на омраза кон нас, македонските Бугари. Нема да го коментираме ниту нивниот страв, бидејќи само луѓе со мали души можат да ги кријат своите лица додека вршат чин кој во суштина е политички“, напиша Ѓоргиевски.
Тој во објавата се осврна и на пораката „Македонија на Македонците“, која била испишана при вандализмот.
„Но не можеме да не обрнеме внимание на повикот „Македонија на Македонците“. Тоа е повик на историското ВМРО, поддржан и од нашиот патрон Иван Михајлов, кој во минатото имал прогресивна и инклузивна смисла — една заедничка држава на сите етноси што го населуваат географскиот регион Македонија — Бугари, Турци, Албанци, Власи и сите други“, наведува тој.
Според него, значењето на овој повик денес е изопачено.
„Денес, меѓутоа, овој повик го користат најретроградните националисти во Северна Македонија како израз на нивниот стремеж кон „чиста“ нација — држава во која се дозволени само едно самоопределување и еден тип размислување. Нема како дедовците на овие кукавици да не се превртат во гробовите ако дознаат до колкав степен е искривена некогашната порака за слобода и еднаквост“, пишува Ѓоргиевски.

Тој информира дека случајот е пријавен до надлежните институции.
„Секако дека сме поднеле пријава до сите надлежни институции. Секако се надеваме дека сторителите ќе бидат откриени и изведени пред одговорност. Секако се сомневаме дека тоа ќе се случи“, стои во неговата објава.
Во продолжение поставува и прашање поврзано со политичкиот контекст на случајот.
„Си поставуваме и едно важно прашање. Кој и зошто во Северна Македонија се обидува да ја внесе македонската тема во изборите во соседна и братска Бугарија? Сите се свесни дека бугарското општество е особено чувствително на злосторствата извршени врз Бугарите од оваа страна на границата. Дали ова не е уште еден обид да се создаде оправдување за нечија неспособност или дури и нежелба да се гарантираат еднакви права на македонските Бугари, да се промени Уставот и да се исполнат преземените обврски од Планот за дејствување за правата на заедниците?“, напиша Ѓоргиевски на својот Фејсбук профил.
Клубот на Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола беше запален во 2022 година во раните утрински часови каде што огнот го зафати и целосно го уништи влезот на зградата во која што се наоѓа клубот.























