Евакуирани се македонски државјани од Израел, кои попладнево со владиниот авион полетаа од Шарм ел-Шеик кон Скопје, информира министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.

Како што посочи, Министерството целосно го координирало процесот на евакуација, кој барал сериозен ангажман на дипломатско-конзуларните претставништва, доследно почитување на безбедносните процедури и континуирана координација меѓу надлежните институции.

Муцунски информираше и дека е финализирана постапката за склучување договор со компанија која во следните денови се очекува да започне со летови за евакуација на македонските државјани од останатите погодени подрачја, во координација со дипломатско-конзуларните претставништва.

Додаде дека македонските дипломатско-конзуларни претставништва и понатаму се на 24-часовно располагање на македонските државјани за секоја потребна помош и поддршка.

Текстот Македонски државјани евакуирани од Израел, со владиниот авион тргнаа од Шарм ел-Шеик кон Скопје е превземен од МАКФАКС.