По смртта на Ивана и Катја сизифовски напор е да зборувам за закони за заштита и превенција од семејно насилство, рече претседателката Гордана Сиљановска – Давкова, на собраниска седница посветена на 8 Март Денот на жената.

„Долго се думев дали има смисла да зборувам по страотното банализирање на злото наречено семејно насилство до степен на фемицид. Во траорна атмосфера по смртта на Ивана и Катја сизифовски напор е да зборувам за резолуции, за закони за заштита и превенција од семејно насилство па дури и за измени на кривичниот законик“, рече Сиљановска – Давкова.

Таа вели дека е тешко секој 8 Март да се бројат нови жртви, да се дебатира за политики, да се усвојуваат стратегии посочувајќи ги речиси истите резултати на непреземени мерки и активности.

„И овој 8 март непосредно по несфатливата смрт на Ивана и Катја тешко ми е да го доживеам како ден на жената. Симболиката на празникот како да се губи во мракот на неприфатливата реалност. Пред сите нас е фундменталното прашање, дали навистина животот е неприкосновен како што гарантира членот 10 од Уставот. Дали ова важи за Рамајана, Росица, Ивана и малата Катја?“, праша претседателката.

Таа истакна дека шокира фактот дека во 2025 година имало над 4 илјади пријави за семејно насилство и 6 случаи на убиство, а во два месеци од 2026 веќе четири случаи на фемицид.

Според неа, овие алармантни бројки се слика на општество во кое е загрозено основното човеково право – правото на живот.

„Зарем не сфативме дека фемицидот не е ненадеен излив на бес туку крај на долг мачен процес на психолошки притисок, страв и торутра. Крајно време е да престанеме пост фестум да тагуваме наместо навреме да споречуваме и санционираме и да се радуваме со потенцијално спасени жртви“, рече Сиљановска – Дакова.

Таа праша како е можно институциите да се имуни на предупредувачките сигнали.

„Зошто ситемот на социјална заштита, полицијата, обвинителството и судуството не реагираат на време или како што треба, до кога ќе ги менуваме законите“, праша претседателката.

Текстот Сиљановска – Давкова: По смртта на Ивана и Катја сизифовски напор е да зборувам за закони за заштита и превенција од семејно насилство е превземен од МАКФАКС.