Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи на Министерството за односи меѓу заедниците на сметката на основниот буџет (637), заедно со ревизија на усогласеност за 2024 година. За ревидираните извештаи е изразено неповолно мислење во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики.
Ревизорите утврдиле слабости во финансиското управување, исплатата на платите, јавните набавки, пописот на средствата, реализацијата на програмата за финансирање на здруженија и фондации за 2023 година, набавката на нафтени деривати, сервисирањето на моторните возила и во системот на внатрешни контроли.
Недостасуваат средства и компјутери
Ревизијата утврдила дека пописот на средствата и обврските со состојба на 31 декември 2024 година не е целосно спроведен. При пописот не биле пронајдени 28% од вкупните основни средства со сегашна вредност од 1,565 милиони денари (околу 25.360 евра).
Поради тоа што не била воспоставена практика за издавање реверси за задолжување на вработените со опремата што ја користат, при пописот не биле пронајдени и 30 преносни компјутери.
Дополнително, за седум моторни возила не е воспоставена сметководствена и материјална евиденција. За побарувања од вработени во износ од 2,102 милиони денари (околу 34.000 евра), кои потекнуваат од периодот 2012–2020 година, Министерството не располага со документација за тоа кое лице должи и во кој износ.
За дел од утврдените состојби, по промена на раководството во текот на 2024 година, преземени се активности за нивно надминување, а за дел постапуваат и други надлежни органи.
Проблеми со финансирањето на здруженија и фондации
Ревизорите ја анализирале и реализацијата на Програмата за финансирање на активностите на здруженијата и фондациите за 2023 година, по која на 33 организации им биле исплатени 19,8 милиони денари (околу 320.900 евра).
Утврдено е дека програмата била донесена со задоцнување – во октомври 2023 година, кога бил објавен и јавниот повик за финансиска поддршка, иако Буџетот за 2023 година бил донесен на 27 декември 2022 година.
Во одделението задолжено за следење на програмата, кое има девет предвидени работни места, во периодот на реализацијата на програмата во 2024 година не било пополнето ниту едно работно место.
Комисијата за распределба на средствата, составена од 18 членови од повеќе институции, не обезбедила документација за бодирањето на апликациите за 138 поднесени апликации опфатени со предлог-ранг листата.
Дел од здруженијата доставиле документација на албански јазик без превод на македонски, што не е во согласност со Законот за употреба на македонскиот јазик.
Од вкупно 33 здруженија и фондации, 17 треба да вратат средства во Буџетот во износ од 1,225 милиони денари (околу 19.850 евра), бидејќи не доставиле докази за трошењето. До денот на ревизијата 14 здруженија вратиле 361 илјада денари, со две се води постапка за медијација за 264 илјади денари, додека за едно здружение е поведена судска постапка за поврат на 600 илјади денари.
Плати исплаќани без доказ за присуство на работа
Во Министерството се исплатени 165 милиони денари за плати и надоместоци за 244 вработени.
Од нив, за 150 вработени – односно за 61% од вкупниот број – исплатата на плата се вршела без доказ за присуство на работа и полно работно време, иако постои електронска евиденција на работното време.
Министерството има систематизирано 2.556 работни места, но заклучно со 31 декември 2024 година пополнети биле само 244, што претставува пополнетост од околу 10%. Поради тоа, според ревизорите, не може реално да се согледаат потребните кадровски капацитети.
Во текот на 2025 година започната е изработка на функционална анализа како основа за нова организација и систематизација, но до денот на ревизијата таа не била завршена.
Гориво точено во возила што не се во сопственост на Министерството
Ревизорите утврдиле дека во 2024 година се исплатени 516 илјади денари за нафтени деривати без контрола на регистарските таблички и видот на горивото.
Поради тоа било овозможено да точат гориво моторни возила што не се во сопственост на Министерството или возила за кои нема податоци за регистарски број. Воедно се набавувал и течен нафтен гас, иако тој не е предвиден во договорот за набавка.
Необјасниво ниски цени во јавни набавки
При две постапки за јавни набавки ревизорите утврдиле дека не било побарано објаснување за невообичаено ниски понуди – цена од 0,01 денар за еден работен час при сервисирање на возила и провизија од 0,01% за угостителски услуги.
Во дел од фактурите за сервисирање на возилата биле заменувани делови што не се предвидени во тендерската документација, а за дел од ставките биле фактурирани цени неколкукратно повисоки од понудените. За извршените услуги не биле доставени работни налози.
Во постапка за избор на економски оператор за услуги од авторска агенција, иако како услов бил предвиден поседување лиценца за привремени вработувања, комисијата не побарала доставување на таква лиценца. Вредноста на договорот изнесува 11,8 милиони денари.
Слаби внатрешни контроли, внатрешните ревизори немале положено испит за да бидат овластени, ниту работно искуство
Ревизорите констатирале дека во Министерството не се воспоставени соодветни системи на внатрешна контрола.
Министерството нема воведено сертифициран систем за менаџмент со квалитет според стандардот ИСО 9001. Функцијата на внатрешна ревизија не се спроведува бидејќи внатрешните ревизори немаат положено испит за овластен ревизор и немаат потребно искуство.
Дополнително, не се донесени интерни процедури за работните процеси, не се воспоставени претходни и последователни контроли на финансиските трансакции, а надлежностите меѓу вработените не се јасно разграничени.
Текстот Ревизија во Министерството за односи меѓу заедниците: исчезнати 30 лаптопи, плати без присуство на вработени, гориво точено во приватни возила е превземен од МАКФАКС.























