Унгарија организира враќање на своите граѓани кои се заглавени на Блискиот Исток поради ескалацијата на конфликтот. Два авиона, секој со 90 патници, ќе полетаат од Аман, Јордан, утре и четврток, изјави денес министерот за надворешни работи и трговија, Петер Сијарто.
Тој додаде дека е можно да се влезе во Јордан од Израел преку два копнени гранични премини. Во исто време, „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови од Египет, а авиокомпаниите од Обединетите Арапски Емирати исто така делумно го обновуваат сообраќајот, објавува Daily News Hungary.
Во гостувањето во подкастот „Час на вистината“, Сијарто објасни дека во Израел има многу унгарски граѓани кои можат да ја напуштат земјата со одење во Јордан или преминување во Египет преку граничниот премин отворен 24 часа на ден.
За да се олесни враќањето на Унгарците што пристигнуваат во Египет, авиокомпанијата „ВизЕр“ го зголемува бројот на летови до Шарм ел Шеик од сегашните три на десет неделно, потврди министерот.
„Воздушниот сообраќај од Обединетите Арапски Емирати е делумно обновен, а авион на ‘ФлајДубаи’ полета за Унгарија попладнево“, објави Сијарто на „Фејсбук“.
Министерот потсети на напнатата ситуација во регионот, наведувајќи дека Иран ги продолжил своите сеопфатни напади врз земјите од Заливот преку ноќ и дека беспилотни летала биле насочени и кон амбасадата на САД во Ријад.
„Повеќето земји сè уште го држат својот воздушен простор затворен“, рече Сијарто, додавајќи дека „Катар ервејс“ сè уште не дал информации за продолжување на летовите.
Од друга страна, тој го потврди денешниот лет на „ФлајДубаи“, кој превезува патници со веќе купени билети.
„’Емирејтс’, исто така, ги обнови летовите, а неколку унгарски граѓани веќе го напуштија регионот, летајќи кон разни европски дестинации“, заклучи министерот.
Текстот „ВизЕр“ и „ФлајДубаи“ организираат летови за враќање на Унгарците од Блискиот Исток е превземен од МАКФАКС.























