Насер Селмани

Враќањето на Артан Груби за да се соочи со обвиненијата за злоупотреба на службената должност оправдано предизвика силни реакции во јавноста. Неговиот случај може да се разгледува од два аспекта: правен – во однос на одлуката за домашен притвор, и политички, зошто сега и што може да значи неговото враќање.

Реакциите на опозицијата и на дел од медиумите беа насочени кон критика на судот затоа што не му одреди затворски притвор. Притоа, изостана анализа на законските услови под кои се изрекува оваа мерка, а наместо аргументи доминираа политички оценки.

Според законот, притвор се одредува ако постои опасност од бегство, можност за повторување на делото или влијание врз сведоци. Во овој случај, тешко е да се утврди исполнетост на овие услови.

Опасност од бегство е малку веројатна, бидејќи Груби доброволно се врати. Да сакал да ја избегне правдата, немаше да се соочи со институциите.

Можноста за повторување на делото исто така е спорна, бидејќи тој повеќе не извршува јавна функција ниту има партиска позиција.

Во однос на влијание врз сведоци, станува збор за владина одлука со службени записи и повеќе инволвирани лица. Тешко е да се замисли дека, од позиција на осомничен без функција и во домашен притвор, би можел да врши притисок врз поранешни министри или службеници.

Затоа, правната анализа на мерката треба да се темели на конкретните законски критериуми, а не на политички перцепции.

Вториот аспект од случајот со Груби е политичкиот – тема за која јавноста, опозицијата и медиумите со право имаат интерес. Сепак, и тука често се промашува суштината.

Клучен момент е тоа што во декември 2024 година Груби беше ставен на американската „црна листа“ поради сомнежи за висока корупција поврзана со случајот со Сашо Мијалков. Со тоа тој стана политички ранлив и лесна мета и за домашни и за регионални актери. Набрзо беше разрешен од сите функции во ДУИ и остана без политичка заштита.

Во такви околности, логично е да се постави прашањето: ако САД го отстранија од игра, кој има интерес да го врати и за што може да послужи? Опозицијата ја посочи власта, бидејќи само таа може да влијае врз неговата правна извесност. Но секоја евентуална поддршка би имала своја политичка цена. Каква – рано е да се шпекулира.

Факт е дека со самото враќање Груби ѝ овозможи на власта да демонстрира дека „системот функционира“. Спектакуларниот пречек на граница дополнително ѝ послужи за пренасочување на вниманието од други актуелни скандали, како што е скандалот со марихуаната.