Фатмир Битиќи
Денес Владата се обиде една законска обврска да ја продаде како достоинствена политика: минималната плата ќе се зголеми за 1.667 денари и истата ќе изнесува 26.046 денари нето – што е зголемување од околу 6,8%. Но, ова е наследен механизам на системот, минимум што се случува затоа што мора.
Достоинствена плата може да се добие само со достоинствена Влада. Тоа е Влада што има политичка волја да седне на маса со работниците, да слушне, да преговара и да донесе одлука што го признава трудот како вредност, а не како трошок што се „усогласува“ еднаш годишно.
Уште посимптоматично е што, паралелно со ова „усогласување“, Владата промовира и своја потрошувачка кошница која е околу 13% пониска од синдикалната. Ако синдикалната кошница за февруари е 67.382 денари, тогаш 13% пониска значи приближно 58.622 денари, односно „намалување“ од 8.760 денари на хартија.
И еве ја суровата пресметка што ја избегнува Владата: и со оваа пониска, владина кошница, на едно семејство му требаат околу 2,25 минимални плати. Со синдикалната, околу 2,59 минимални плати. Ова е обид сиромаштијата да се пресмета поевтино, бројката се намалува, а маката останува.
Достоинствена Влада не се препознава по тоа што ќе каже „не носиме одлуки под притисок“, туку по тоа што не се плаши од социјалниот дијалог и која протестот на работниците го доживува како демократски коректив.