На 4 март (среда) во 18 часот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ (Сала за седници) ќе се одржи комеморација во чест на поетот, писател, преведувач и издавач Тихомир Јанчовски.

Тихомир Јанчовски (1967-2026) дипломирал општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во 1991 година, по што специјализирал во Будимпешта, на катедрата за Средновековни студии на Централноевропскиот универзитет. Во 2010 година магистрирал современа историја на УКИМ. Беше и професор, музичар, издавач и автор на над 30 книги, главно поезија, преводи и (поетски) романи. Избори од неговата поезија се преведувани и објавувани во различни литературни списанија, застапен е во голем број антологии, а четири од неговите книги се преведени на други јазици. Преведуван е на англиски, француски, словачки, хрватски, албански, босански, грчки, германски, српски, полски, грузиски, персиски и на италијански јазик.

Автор е на плејада поетски книги кои се високо ценети меѓу читателите: Обични зборови, 1999; Два, 2002; Последно време, 2005; Осама, 2010; О, ти, 2011; Староста може, а и не мора да се дочека, 2013; Од збор до збор (избор), 2016; Игла и конец, 2016; Godine, Buybook, 2017; The noise of Loneliness, 2018; Влакно на јазикот, 2018, Тихивање, 2019, Ден-година, 2023; Граматика на љубовта, 2024, Пристоен предлог и други песни, 2024, Пеколот е мало место, 2025. Автор е на неколку романи (Лидија, или сѐ што знам за жените, 2018; Сѐ што знам за животот, 2020; Патина, 2022), на неколку дела од доменот културната историја на православното монаштво (Св. Пантелејмон, Нерези, историја, архитектура, живопис, 2000; Пештерските цркви во Македонија (сценарио за док. филм) , 2001 и Монаштвото во Македонија (1944-2007), 2010, како и две книги за деца: Приказни за деца и животни, 2022 и Малата Мечка и Големата Мечка, 2024. Превел дваесетина дела и приредил неколку антологии.

Од 2013 до 2016 објавувал колумни во Утрински весник, во рубриката „Рурбано“. Има издадено и книга колумни „Како ми скроија капа и други записи“ 2018. Во соработка со Бранислав Николов, Тихомир Јанчовски го создава поетскиот перформанс „Волкот на љубовта“. Во 2025 година неговиот ракопис „Камен во водата“ беше награден со признанието „Караманов 2025“. Тихомир Јанчовски е добитник за наградата „Златна бубамара“ за најпопуларен писател во 2025 година.

Јанчовски почина на 58-годишна возраст во Скопје на 30 јануари.

Текстот Во чест на Тихомир Јанчовски: Комеморација на Филолошкиот факултет во Скопје е превземен од МАКФАКС.