Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на прес-конференција побара одговорност од актуелната власт во врска со, како што рече, најголемиот нарко скандал во регионот, по заплената на 5 тони дрога од Македонија во соседна Србија.
Таа посочи дека повеќе од еден месец нема одговори како толкава количина дрога ја поминала границата и кој од врвот на власта ќе понесе одговорност.
Според Кузеска, од досега достапните информации произлегува дека станува збор за високо организирана криминална група која, како што рече, не можела да функционира без поддршка од лица на највисоки позиции во власта.
Кузеска наведе три клучни аспекти за кои, според СДСМ, треба да се утврди одговорност.
Првиот се однесува на локации во околината на Свети Николе, каде што, како што тврдеше, се вршел претовар на дрогата. Таа рече дека од фабрика во кругот на ОХИС „Алфафарм“ дрогата била транспортирана без полициска придружба, прашувајќи кој го дозволил тоа и зошто не биле извршени контроли.
Вториот аспект се однесува на начинот на пренос преку граница, при што, според неа, дрогата била препакувана како перници. Таа праша како, и покрај скенерите и контролите, пратките ја поминале границата, посочувајќи дека одговорност треба да се бара и кај царинските служби.
Третиот аспект, според Кузеска, е поврзан со информациите дека пратката завршила во магацин на локални функционери на српската СНС, за која рече дека е сестринска партија на ВМРО-ДПМНЕ, при што посочи и на наводни блиски врски со српски функционери.
„СДСМ нема да дозволи овој случај да се заташка“, изјави Кузеска, додавајќи дека не смее одговорноста да заврши само кај магационери, превозници и сопственици на фирми, туку, како што рече, мора да се утврди кој од власта ќе одговара.























