Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека го зголемило степенот на ризик за државите од регионот на Блискиот Исток на Ниво 5 – предупредување за прекин на сите патувања и итно напуштање на земјите, јавува Трибуна.

Министерството внимателно ја следи ситуацијата и повторно ги повика бугарските државјани што се наоѓаат во регионот да одржуваат контакт со дипломатските и конзуларните претставништва и да се регистрираат во платформата „Патувам за“ на веб-страницата https://www.mfa.bg/bg/embassyinfo.

Сигнали и барања за помош при кризна ситуација од бугарски државјани и државјани на земји-членки на ЕУ се примаат деноноќно во Ситуацискиот центар на Министерството за надворешни работи на:
тел.: +359 2 948 24 04; +359 2 971 38 56; +359 893 339 616
e-mail: [email protected]

како и на телефоните и електронската пошта на дипломатските претставништва. Во држави каде Бугарија нема конзуларна служба, може да се користи помош од конзуларните служби на други држави-членки на ЕУ.

Службениот премиер Андреј Ѓуров објави на Фејсбук дополнителни информации во помош на бугарските граѓани во регионот. Министерството за туризам е во постојан контакт со туроператорите и дипломатските претставништва на лице место и редовно ги ажурира податоците за организираните туристички групи и индивидуалните патувања. Туроператорите доставуваат информации за бројот на патници и мерките што ги преземаат за нивната безбедност.

Министерството за туризам работи во тесна координација со Министерството за надворешни работи и формираниот кризен штаб. Постои план за дејствување, но се чека соодветен и безбеден момент за придвижување, бидејќи во моментот проценката на надлежните институции е дека престојот на сигурни места е побезбеден од воздушно или копнено патување. Безбедноста на бугарските граѓани е приоритет, наведуваат од институцијата.

Според министерката за надворешни работи Надежда Нејнски, околу 11.400 бугарски државјани и стотици туристи се блокирани на Блискиот Исток, а околу 1000 бугарски туристи се наоѓаат во регионот на Персискиот Залив поради откажани летови.

Ескалацијата следува откако САД и Израел извршија удари врз Иран, при што беше убиен иранскиот врховен лидер ајатолах Али Хаменеј, а Техеран возврати со ракетни напади врз американски воени објекти во регионот.