Бугарската поп-дива Дара (DARA) со песната „Bangaranga“ ќе ја претставува Бугарија на 70-тото издание по ред на изборот за песна на Евровизија. Годинава конкурсот Евровизија 2026 ќе се одржи во Виена, Австрија, јавува Трибуна.
Дарина Јотова е родена на 9 септември 1998 година во Варна, Република Бугарија. Го завршува Националното уметничко училиште „Добри Христов“. Почнува да пее народна музика уште од мала со музичкиот педагог Павлина Тодорова.
Во 2015 година учествува во музичкото шоу X Factor Bulgaria, каде стигнува до финалето и го освојува третото место, нејзин ментор е бугарската супер ѕвезда Криско. Освен во X Factor Bulgaria, таа била дел и од „Твоето лице ми звучи познато“. Учествувала и во комедијата „Ние, нашите и вашите“ продуцирана од бугарската приватна телевизија БТВ.
Во 2021 година станува тренер во осмата сезона на Гласот на Бугарија на bTV, со што станува најмладиот тренер во историјата на шоуто.
На 30 јануари 2024 година се вклучува во петтата сезона на Dancing Stars Bulgaria, каде го освојува второто место.





















