САД и Израел го нападнаа Иран утрово. Најмалку три експлозии се слушнаа во Техеран, главниот град на Иран, а беа погодени и голем број други ирански градови.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, тврди дека нападот ќе ја прекине безбедносната закана за САД и ќе им понуди на Иранците можност да ги соборат своите владетели. Израелската влада прогласи вонредна состојба поради очекуваната иранска одмазда со беспилотни летала и балистички ракети.

Иран одговори со испукување ракети кон Израел, соопшти израелската војска. Иран, исто така, изврши напади врз американски воени објекти во Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Катар…

Се очекува говор на ајатолахот Али Хамнеи, објави Би-Би-Си, наведувајќи дека неговиот говор наскоро ќе биде емитуван. Не е јасно дали тоа ќе биде снимена порака или иранскиот врховен лидер ќе зборува во живо. Неговото моментално место на живеење е непознато. Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, тврди дека, доколку тој знае, ајатолахот е жив, а Ројтерс претходно објави дека е префрлен од Техеран на „безбедна локација“.

Израелската војска во саботата попладне објави дека изведува нови напади врз ирански ракетни лансери, како дел од заедничкиот напад со САД врз Иран, додека Техеран, исто така, објави дека изведува нов бран напади врз американски цели во регионот.

Израелските воздухопловни сили „започнаа со прелети и моментално напаѓаат ракетни лансери во Иран за да спречат закана за Државата Израел“, се вели во краткото воено соопштение.

Пожар избувна пред луксузниот хотел „Фермонт Палм“ во Дубаи. Пожарот наводно бил предизвикан од остатоци што паднале од небото за време на ирански ракетен напад, а автентичноста на снимката ја потврди „Скај њуз“.