Тања Чачарова-Илиевска од Судскиот совет нема да присуствува на седницата во Собранието за нејзината интерпелација заедно со интерпелациите за Весна Дамева, Милазим Мустафа, Павлина Црвенковска и Селим Адеми.

„Не планирам денес да одам на седница на Собрание да присуствувам на расправата за поднесените интерпелации за петтемина членови на Судскиот совет избрани од Собранието. Мојот став, и тврдам дека сум во право, е дека интерпелација на член на Судски совет  е недозволен акт. Недозволен и противуставен“, вели Чачарова-Илиевска.

Таа објасни дека подносителите на интерпелацијата се повикуваат на нивното уставно загарантирано право да поднесуваат интерпелации во член 72 од Уставот, меѓутоа одредбата од членот 68 став 1 алинеа 15 има поинакво уставно решение. Таму стои дека интерпелација може да биде поднесена спрема секој носител на јавна функција кој што одговара пред Собранието. Круцијалните прашања што се однесуваат за Судскиот совет како што се состав на Судскиот совет, мандат на Судскиот совет, надлежности на Судскиот совет, услови и постапка за избор и разрешување на член на Судски совет, услови и постапка за утврдување одговорност на член на Судски совет, се прашања кои согласно Уставот се поконкретно образложени и уредени со Законот за Судскиот совет.

„Значи, согласно цитираната одредба на Уставот,  интерпелацијата во конкретниот случај спрема петтемина членови кои ги избира Собранието, е недозволена. Не само што не е дозволена туку овој акт што во случајов е поднесен од група пратеници, кај мене се седуммина потпишани, претставува преседан во досегашната парламентарна демократија на Република Северна Македонија. Повеќе од 30 години досега ниту еднаш не се случило Собрание да поднесе интерпелација на член на Судски совет“, рече Чачарова-Илиевска.

Бидејќи како причина во наводите на интерпелацијата е наведено неусвојување на извештајот за работа на Судскиот совет за 2023 година. Чачарова-Илиевска потсети дека не е првпат тој извештај да не биде усвоен.

„Да ги потсетам само пратениците дека и во 2016 година извештајот за работа на Судскиот совет за 2016 година не беше усвоен од Собранието. Тоа е законска одредба и согласно законот е такво решението да биде усвојуван извештајот во Собранието, но и тогаш немавме во Собранието ситуација некој да се дрзне да поднесе интерпелација за член на Судскиот совет“, вели Чачарова-Илиевска.

За забелешките на многумина пратеници дека имале природно право да ги разрешуваат луѓето што тие ги бираат, Чачарова-Илиевска вели дека во правото нема природно право туку има нормирани состојби, нормирани прашања, нормирани права и одговорности, а Уставот посветил доволно одредби во членот 104 и 105 заменети со амандман 28 и 29, каде точно се уредени клучните прашања што се однесуваат за Судскиот совет, децидно доразработени во Законот за Судски совет поради што смета дека  пратениците немаат уставно право за таков чин.

Со тоа што е поднесена интерпелација за само петтемина челнови на Судскиот совет Чачарова-илиевска смета дека не е повредена само една од темелните вредности на уставниот поредок, поделбата на власта на законодавна, извршна и судска власт, туку е повредено и основно начело на еднаквост на членовите на Судски совет.

„Законот за Судски совет не прави разлика меѓу членовите во зависност од тоа дали се избрани од редот на судиите или од Собранието. Се прави дискриминација меѓу членовите на Судскиот совет што е недозволиво. Пратениците кои се претставници на законодавната власт треба исто така да ги почитуваат Уставот, законите, меѓународните договори кои што токму Собранието ги ратификува и да постапуваат согласно нив“, рече Чачарова-Илиевска.

Собранието денес расправа за интерпелациите на петтемина членови на Судскиот совет од кои премиерот Христијан Мицкоски очекува да бидат доблесни и сами да си поднесат оставки оти дури и да бидат изгласани интерпелациите тоа не значи разрешување на членовите на Судскиот совет.

Текстот Чачарова- Илиевска: Не планирам денес да одам во Собранието за интерпелацијата, таа е недозволива и акт на преседан е превземен од МАКФАКС.