Солидно странско присуство го одбележа отворањето на скандалозниот приватен македонски клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград, тврди бугарски 24 Часа со наслов „Повеќе гости, отколку домаќини на отворањето на Македонскиот клуб во Благоевград“ по вчерашниот настан, пренесува Фактор.
„Групата од Северна Македонија беше најбројна. Значајно беше присуството на генералниот секретар на претседателот Стево Пендаровски – Миле Бошњаковски, кој одби да зборува на отворањето и само се заблагодари за поканата. Пристигнаа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Миткоски и лидерот на „Левица“ Димитар Апасиев со неколку пратеници, како и група од Демократскиот сојуз и историчари. Меѓу гостите имало и група која се претставувала како Македонци од Албанија со нивниот заменик, како и група од Грција на чело со отец Никодин.
Мештаните, самоидентификувани како Македонци, не беа повеќе од 50 луѓе“, тврди 24 Часа.
Изданието тврди дека ОМО „Илинден“ воопшто немало намера да покаже што имало во клубот и таму да го организира официјалниот дел.
„Од звучниците се слушаа гласни патриотски песни и маршеви. Со тоа беа осуетени плановите на активистите на ОМО „Илинден“ прославата да се одржи на отворено, а официјалниот дел требаше да се помине во тесната просторија“, тврди 24 Часа.
Бошњаковски рекол за бугарските медиуми дека се познава со дел од домаќините на клубот бидејќи биле на средба со претседателот Стево Пендаровски.
Внимание предизвика и изјавата на Мицкоски дека Македонците почнале да вадат бугарски пасоши дури откако Бугарија станала членка на ЕУ, а не и претходно.