Ново истражување покажува дека светските ледени покривки на Гренланд и Антарктикот се топат и се поместуваат. Ова може да предизвика пораст на нивото на морето и големи миграции од крајбрежните области.
Научниците сакале да дознаат која е „безбедната граница“ на глобалното затоплување за опстанокот на ледените покривки. Тие ги користеле податоците од сателити, климатски модели и други извори, дури и ДНК од октоподи.
Резултатите се загрижувачки. Дури и ако светот успее да го ограничи затоплувањето на 1,5 степени Целзиусови, ледениот покрив може да продолжи да се топи брзо. Тоа ќе доведе до зголемување на нивото на морето, што ќе има сериозни последици.
Ледените покривки на Гренланд и Антарктикот имаат доволно мраз што може да го подигне нивото на морето за околу 65 метри. Топењето на мразот е главната причина за порастот на морската вода. За последните 30 години, порастот на морето се забрзал двојно.
Околу 230 милиони луѓе живеат на помалку од еден метар надморска височина. Зголемувањето на морето ќе ги натера многу да се иселат од крајбрежните области.
Научниците велат дека е тешко точно да се предвиди кога ќе дојде до голем колапс на ледените покривки. Но, знаат дека опасноста постои и дека „безбедните“ температурни прагови сè повеќе се намалуваат.
Првично се мислеше дека покривките ќе се дестабилизираат при зголемување од околу 3 степени, но сега истражувачите сметаат дека не е доволно е ни 1,5 степен.
За да се спречи брз колапс, светот треба да го ограничи затоплувањето на најмногу еден степен над прединдустриското ниво. За тоа е потребно драстично намалување на согорувањето на фосилни горива. Сепак, тоа изгледа тешко, бидејќи многу земји, вклучително и САД, сè уште користат нафта, јаглен и гас.
Текстот 230 милиони луѓе живеат во опасност од топењето на ледените покривки е превземен од МАКФАКС.