Министерот за европски прашања Орхан Муртезани денеска имаше средба со амбасадорот на Француската Република во Северна Македонија, Сирил Бомгартнер, соопшти СЕП.
Во фокусот на разговорите беа евроинтегративните процеси, соработката помеѓу Северна Македонија и Франција, како и можностите за нејзино продлабочување.
– Во 2021 година беше ратификуван Договорот помеѓу Северна Македонија и Француската Република за основањето на Француската развојна агенција, ПРОПАРКО и Експертиза Франција во Северна Македонија кој отвора можности за соработка особено во поглед на заштита на животната средина и климатските промени, економски развој и социјала. Со назначувањето на Миа Матковиќ како нов експерт, Франција уште еднаш ја потврди нејзината поддршка за процесот на европска интеграција на Северна Македонија и нејзиното приближување до полноправно членство во ЕУ, се неведува во соопштението од СЕП.
Муртезани и Бомгартнер, како што се додава, ја потврдија заложбата за продолжување и продлабочување на успешната билатерална соработка.























