Ноќеска поголема група од 30-ина луѓе вршеле претрес во Врховниот суд, во канцеларијата на осомничениот врховен судија Наќе Георгиев, уапсен во понеделникот како зема мито со 10 илјади обележани евра, објави „Сакам да кажам“.

Неофицијално, по фатените 10 илјади евра истрагата се проширува и на други кривични дела. Се зборува дека се пребарувало и во неговиот дом во Струмица и секаде каде што имал недвижен имот. Сопругата на Георгиев е обвинителка во ОЈО Струмица. Според сознанија на СДК, врховниот судија подолго време бил предмет на посебни истражни мерки.

 

Имунитетот на врховниот судија Наќе Георгиев му е одземен ноќеска на итната седница на Судскиот Совет на полноќ и за него е одобрен притвор.
Дојче Веле на македонски јазик пишува дека врховниот судија Наке Георгиев лани помина несанкционирано низ „филтерот“ на Судскиот совет, дури и стана негов член. Под сомнеж за земање мито од денеска е без имунитет и оддалечен од функцијата.

Пред да биде избран за врховен судија Георгиев беше претседател на Апелациониот суд Штип. Токму за неговото работење во времото кога бил претседател на тој суд, за него имало претставка до Судскиот совет, како и за уште двајца судии од истиот суд. Судскиот совет ги разреши другите, но претставката за Георгиев половина година не беше ставена на дневен ред. Се најде на масата дури откако тој се кандидираше за член на Судскиот совет. Кандидатурата уследи откако во Судскиот совет се испразнија две места – врховната судијка Мирајна Радевска Стефкова и апелациониот судија Зоран Герасимовски си дадоа оставки поради несогласување со работата на Судскиот совет.

Само еден ден пред да се утврди неговата кандидатура за член на Судскиот совет, ова тело ја запре постапката против Георгиев. При разгледување на претставката наводно мнозинството членови гласале дека тој не треба да биде разрешен, по што на 13 јули 2023 година тој беше избран за член на Судскиот совет. Сепак, по две недели не даде свечена заклетва и си даде оставка во Советот, откако беше утврдено дека за истиот ден е закажан и избор на судии од кандидатите за судии, меѓу кои, е и неговиот син. Тој избор ќе беше во спротивност со Законот за судови, според кој, за судија не може да биде избрано лице кое со член на Судскиот совет е во сродство во права линија или во странична линија до трет степен или е негов брачен другар.