Новиот министер за здравство Азир Алиу денес најави системска трансформација на здравствениот систем од систем што досега реагира со доцнење кон систем што превенира, се подготвува и дејствува навремено.

„Министерството за здравство почна со националната програма за кризен менаџмент и отпорност на здравствениот систем – прва од ваков тип во нашата држава, која воспоставува нова логика на справување со ризици, дефинирање стандардизирани протоколи, дигитална платформа за координација во реално време, обуки, симулациски вежби и интероперабилна комуникација меѓу здравствените и безбедносните институции. Со оваа платформа ја јакнеме издржливоста на системот и правиме чекор напред кон интегрирана здравствена безбедност“, рече министерот Алиу.

Истовремено, почнато е темелно ажурирање на националниот акциски план за здравствена безбедност, со вклучување на лекциите од пандемијата, во согласност со стандардите на СЗО и ЕУ и зајакнување на законската рамка за меѓусекторска координација.

„Ова е јасна политичка порака – здравјето и безбедноста на граѓаните се неприкосновени, а нашата одговорност е да изградиме систем што реагира пред заканата, а не по трагедијата. Со овие координирани чекори нашата држава прави пресврт – од реактивен кон активен здравствен систем, подготвен да одговори на секоја закана“, вели министерот Алиу.

За системот навистина да биде отпорен, Алиу смета дека реформите мора да бидат надополнети со реални, капитални инвестиции.

„Затоа Министерството за здравство почнува со нова инвестициска фаза од 205 милиони евра за обнова и унапредување на здравствената инфраструктура во Штип, Тетово и во Кичево. Овие проекти се темел за подостоинствен третман на пациентите и подобри услови за медицинскиот персонал“, рече министерот Алиу.

Тој најави и менување 12 закони за подобрување на услугите кон граѓаните и потсети дека веќе е тргната административната бариера за создавање семејство и место три, поддржани се шест ин витро-обиди, дигитализирана е постапката за пријавување, а рокот за одговор е скратен на две недели.

„Нема веќе чекање со месеци, нема изгубени документи по пошта, ќе има само нова шанса, надеж и пристапност. Истовремено, го упростивме процесот за лекување во странство, воведовме појасна одговорност во управувањето со Фондот и почнавме усогласување на правата на странските државјани со оние на нашите граѓани“, рече министерот Алиу.

За менување на законите, тој рече дека во тек е сеопфатна анализа, која треба да им покаже каде реално треба да се прават измени. Очекува анализата да заврши до крајот на годината.

Текстот 205 милиони евра ќе се инвестираат во болниците во Штип, Тетово и во Кичево: Алиу најавува систем кој дејствува навремено е превземен од МАКФАКС.