2030 година е отфрлена како таргет датум за следно проширување на ЕУ по самитот на европските лидери во шпанскиот град Гранада, јавува софискиот дневен весник „Дневник“, пренесува Трибуна.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, летото предложи да се постави цел како поттик за земјите кандидати и перспектива, но тој самиот призна дека не сите лидери се согласиле со таква конкретна заложба на ЕУ за проширување и затоа датумот не бил вклучен во конечната декларација.

Од таму беше отфрлен и ставот на ЕУ за миграцијата, откако Полска и Унгарија објавија дека не се согласуваат со постигнатиот компромис за раселување во рамките на ЕУ на мигрантите кои во голем број се наоѓаат на надворешните граници.

Шарл Мишел, кој е автор на идејата да се конкретизира следниот бран на проширување до крајот на деценијата, рече дека е неопходно „да покажеме дека сме сериозни кон оние кои сакаат да ни се придружат за да покажеме дека мораме да ставиме крај на чувството на конфузија и разочарување што трае 20 години кај земјите од Западен Балкан“.

„Одредувањето датум е охрабрување да се работи, да се реформира и да се биде подготвен“, додаде тој.

Но, на крајот, лидерите одлучија да се држат до сегашните правила, според кои една земја може да се приклучи на ЕУ тогаш кога ќе ги исполни критериумите за тоа.

„Овој процес се заснова на постигнатото. Во него нема автоматизам, има правила, фази и цели според копенхашките критериуми“, изјави по средбата претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Таа рече дека досегашното искуство покажало дека „некои земји се побрзи, на други им треба повеќе време, а други не успеале“.

Фон дер Лајен рече дека на почетокот на ноември Европската комисија ќе даде оценка за напредокот на осумте земји кандидати за членство, што ќе им послужи на лидерите на ЕУ за нивната средба во декември, кога повторно ќе се разговара за проширувањето.

Украина, која доби кандидатски статус минатото лето, веќе соопшти дека очекува да биде поканета да ги започне преговорите за членство во декември.

Бугарскиот премиер Николај Денков за БТА изјави дека во однос на споровите за проширувањето, Бугарија „во моментов има резерви само во однос на Северна Македонија поради очекувањата да ги исполни обврските преземени минатата година“.

„Во однос на другите земји, имаме прилично позитивно мислење, бидејќи е јасно дека овие земји имаат иднина во ЕУ и доколку не им се покаже јасно како да ја реализираат, може да побараат друг пат на развој“, рече Денков. „Никој нема корист од ова“, додаде тој.