Планетата е на добар пат да ја забележи втората најтопла година во историјата на мерењата, изедначувајќи се со 2023 година, по рекордно високото ниво во 2024 година, соопшти во вторник службата за следење на глобалното затоплување на Европската унија.
Изминатите 10 години беа 10-те најтопли години досега, соопшти Светската метеоролошка организација претходно оваа година.
Податоците од службата за климатски промени „Коперникус“ потврдуваат дека глобалните температури се на добар пат да надминат 1,5°C над прединдустриските нивоа – прагот поставен во Парискиот договор за климата од 2015 година.
Температурите се зголемија во просек за 1,48°C помеѓу јануари и ноември и „моментално се изедначени со 2023 година како втора најтопла година досега“, според месечното ажурирање на службата.
„Тригодишниот просек за 2023-2025 година е на добар пат да надмине 1,5°C за прв пат“ во споредба со прединдустрискиот период од 1850-1900 година, кога луѓето почнаа да горат фосилни горива на индустриско ниво, изјави Саманта Бургес, раководителка на одделот за климатска стратегија во Коперникус.
„Овие пресвртници не се апстрактни – тие го одразуваат забрзаното темпо на климатските промени и единствениот начин за ублажување на идните зголемувања на температурата е брзо намалување на емисиите на стакленички гасови“, рече Бургес.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, предупреди во октомври дека светот нема да може да го ограничи глобалното затоплување под 1,5°C во следните неколку години.
Ноември меѓу најтоплите досега
Минатиот месец беше третиот најтопол ноември досега со 1,54°C над прединдустриските нивоа, според Коперник, при што просечната температура на површинскиот воздух достигна 14,02°C.
Ваквите постепени зголемувања може да изгледаат мали, но научниците предупредуваат дека тие веќе ја дестабилизираат климата и ги прават бурите, поплавите и другите катастрофи потешки и почести.
„Месецот беше обележан со низа екстремни временски настани, вклучувајќи тропски циклони во Југоисточна Азија, предизвикувајќи широко распространети, катастрофални поплави и загуба на животи“, рече Коперник.
За Европа, тоа беше петтиот најтопол ноември досега, со просечна температура од 5,74 степени.
Додека источна Европа, Балканот и Турција забележаа невообичаено високи температури, условите во Скандинавија и јужна Германија беа релативно ладни.
Само три претходни есени во Европа беа топли како оваа.
Текстот 2025 година би можела да се изедначи со втората најтопла година во историјата на мерењето е превземен од МАКФАКС.























