200 читачи на отисок од прст тргнале од Германија кон Скопје. Компанијата Дермалог веќе почна со првата пратка а до октомври треба да пристигнат вкупно 4 илјади читачи. Потпретседателката на ДИК, Дитмире Шеху, вели дека подготовките за избори се интензивираат, а по пристигнувањето на терминалите ќе има и обука од операторот за нивно користење.
„Се планира од 25 август да се комплетираат сите процедури и да тргнат од Германија. Се надеваме дека до 1 септември ќе стигнат во ДИК. Потребно е бидејќи, административниот дел, треба да се регулира прашањето во царина и потоа да стигнат до Државната изборна комисија. Првиот дел на терминалите кои треба да стигнат е 200, а на сукцесивен начин до 1 октомври треба да стигнат сите терминали“, истакна Дитмире Шеху.
На локалните избори во земјата гласачите ќе се идентификуваат за прв пат со читач на отисок од прст. Болните и изнемоштените лица нема да се контролираат преку терминали туку тие ќе гласаат како порано со УВ ламба и спреј.
„Ова е новина за нас како држава, за ваквиот начинот на идентификација на гласачите. Ние ги направивме сите подготовки за ваквиот начин на идентификација. Економскиот оператор кој го доби тендерот, ќе ја достави и опремата но и серверскиот и софтверскиот дел. Ќе се ангажираат и експерти за објаснување на начинот на употреба на апаратите“, додава Дитмире Шеху.
Останаа уште 2 месеци до изборите а од ДИК велат дека се ќе биде подготвено за 17 октомври, односно за денот на изборите.