Калифорнија и уште 19 американски сојузни држави поднесоа тужба со која бараат да се блокира воведувањето надомест од 100.000 долари за H-1B работни визи, што го наметна американскиот претседател Доналд Трамп.

Тужбата е поднесена до федерален суд во Бостон и е трета по ред со која се оспорува оваа мерка, најавена во септември, со која значително се зголемуваат трошоците за добивање на H-1B визи. Во моментов, работодавачите плаќаат меѓу 2.000 и 5.000 долари по вработен за оваа виза.

Од канцеларијата на државниот обвинител на Калифорнија, Роб Бонта, соопштија дека Трамп нема законски овластувања да воведе ваков надомест и дека тоа е спротивно на федералниот закон, кој дозволува наплата само на трошоци неопходни за администрирање на визите.

H-1B програмата им овозможува на американските компании да вработуваат странски работници во специјализирани области, а технолошката индустрија, особено во Калифорнија, во голема мера се потпира на овие визи. Според Бонта, надоместот од 100.000 долари би создал дополнителен финансиски товар за секторите како образованието и здравството и би го влошил недостигот од работна сила.

На тужбата, покрај Калифорнија, се приклучија и државите Њујорк, Масачусетс, Илиноис, Њу Џерси и Вашингтон. Белата куќа, пак, соопшти дека мерката е законска и дека ќе спречи злоупотреби на H-1B програмата.

Текстот 20 американски сојузни држави поднесоа тужба поради одлуката на Трамп за визите е превземен од МАКФАКС.