Борче Јованчевски успеал да се спаси од пожарот во Кочани, но се вратил за да помогне во извлекувањето на заглавените млади луѓе кога настанало стампедо по пожарот во дискотеката „Пулс“.
Тој за платформата supportkocani.com раскажа што се случувало кобната ноќ.
„Пејачите рекоа ‘сите надвор, сите надвор, ќе се вратиме’. Тргнавме полека да излегуваме надвор, но наеднаш настана стампедо и хаос“, го почнува Јованчевски сведочењето.
Тој рече и дека до него бил Лазе од обезбедувањето, бил многу силен и можел да извлече повеќе луѓе, па ги подавале сите нанадвор. Дошол и дедо му, и со него заедно почнале да ги вадaт луѓето од дискотеката.
„Имаше запалено од едната страна бела даска која гореше, заедно ја кренавме даската и ја фрливме и дедо ми почна на левата страна да влече луѓе, а јас видов рака и некој кој ми го извикува името. Тоа беше мојата сопруга. За среќа беше жива…“, вели тој.
Во пожарот во „Пулс“ загинаа 59 лица, а околу 200 беа повредени и пренесени на болниците во државата и во странство. По пожарот загина и возачот на Брзата помош, Иле Гоцевски, кој цела вечер и утредента пренесувал повредени лица од Кочани до Скопје. Дошол дома заспал и повеќе не се разбудил.