Обвинителството донесе наредба за спроведување истражна постапка против двете лица од Куманово и Тетово за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.

Тие, по претходен договор и заедно со учество во дејствието на извршување, неовластено заради продажба во Република Турција, пренесувале марихуана од Куманово до граничниот премин „Богородица“.

„Дрогата, во вкупна количина од 188.363 грама, спакувана во 165 пакувања армирани полиетиленски кеси, ја превезувале во камион во сопственост на скопска фирма која пренесувала отпадна пресувана хартија. Дрогата била скриена меѓу балите отпадна хартија. Камионот бил натоварен во Приштина и второосомничениот со легален утовар на 8 февруари влегол во државава на граничниот премин „Блаце“. Таму го пречекал второосомничениот и на паркинг плац на патот Куманово-Свети Николе била извршена замена на дел од натоварената стока со други бали во кои во внатрешноста била сокриена марихуаната. На 10 февруари, првоосомничениот се јавил на „Богородица“ на излез од државава, каде овластени службени лица го запреле, детално ја прегледале целата стока и ја пронашле дрогата“, велат од Обвинителството.

Јавниот обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор за двајцата осомничени, на возраст од 43 и 41 година, бидејќи постојат околности кои го оправдуваат стравот дека осомничените ќе се дадат во бегство, ќе ги уништат трагите од кривичното дело, ќе ја попречуваат кривичната постапка со влијание врз сведоците или соучесниците во кривичното дело и дека ќе го повторат кривичното дело.

Претходно беше соопштено дека осомничените возачи се од Куманово и Тетово, а проценетата вредност на дрогата на црниот пазар изнесува 707 илјади евра.

Текстот Се бара притвор за осомничените: марихуаната во вредност од 707.000 евра била скриена меѓу отпадна хартија е превземен од МАКФАКС.