На Факултетот за музика уметност денес се одржа комеморацијата за професорката по пијано и пратечки вокал на речиси цела музичка естрада, Сара Пројковска која го загуби животот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, настапувајќи со групата ДНК.
Комеморацијата почна со една минута молк, а присутни беа нејзините колеги, студенти, сораборници кои зборуваа за нејзината големина како музичар и како човек, по што ќе остане запаметена.
Деканката на ФМУ Дарија Андовска, која со Сара беше не само соработничка, туку и многу блиска пријателка, на комеморацијата ја опиша како жена карпа и лавица, но и фраерка и шизика.
„Таа на целото наше друштво ни беше утеха од реалниот свет“, рече Андовска за Сара која знаела да сочувствува со туѓите маки, но и од срце да се радува на туѓите успеси.
На комеморацијата се обрати и пијанистот Димо Имери, кој пак, рече: „Сара имаше заразна насмевка која преминуваше на секој со кој зборуваше зашто доаѓаше од нејзината душа, а сите колеги знаеја дека на шега кажуваше дека била сопруга на Бетовен во претходниот живот“.
Во нејзина чест тој изведе композиција од Бетовен.
Збор зеде и пејачката Биба Додева која ја опиша Сара како музика – музика кога умее да те раположи, а кога си тажен да тагува заедно со тебе.
Во нејзина чест настапи и студентскиот оркестар, изведувајќи дело од Бах.
Од терасата на ФМУ беа пуштени балони во помен на жртвите, а отворена е и книга на жалост.