Во време на забрзана дигитализација на образованието и воопшто на општеството, нема потреба наставниците да пополнуваат едни исти податоци на две различни места. Донесовме одлука отсега да не внесуваат описни оценки во главната книга, со оглед дека еднаш тие податоци се наведени во електронскиот дневник и одлуката е поздравена од 24 илјади наставници, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.
„Административното работење ќе се одвива во дигитална форма и тоа е голем чекор во образовниот систем и во работeњето на наставниците, кои всушност тоа и го чекаа од нас како нова владина гарнитура. Ова можело да се сработи и досега, да се овозможи податоците електронски да се преземаат од е-дневникот, но не било сработено од претходните министри“, рече Јаневска.
На прашањето зошто се менуваат правилниците за ангажирање на образовни асистенти, посочи дека во државата постои недостиг на ваков кадар и затоа се проширува нормативот со звања со кои стручни лица можат да се пријавуваат на конкурсите.
„Со измените на правилниците, за образовен асистент може да аплицира лице кое стекнало звање специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог, социолог, семејнолог, наставник по одделенска настава, односно лице кое ги исполнува условите за наставник во одделенска настава и наставник по предметна настава со завршено образование и со стекнати најмалку 240 кредити или завршено најмалку високо образование со траење од четири години“, информираше Јaневска.
Напомена и дека сите образовни аситенти пред да се вклучат во обрзовниот процес на учениците со попреченост, ќе посетуваат обуки и курсеви, кои како што посочи, во минатото ги немаше