Вчерашната средба во Брисел за пругата кон Бугарија која се гради повеќе од еден и пол век, премиерот Христијан Мицкоски ја оцени како исклучително успешна. Од ваквите средби тој очекува не само договор за продолжување на пругата која е дел од Коридорот 8, туку и финансиска поддршка од ЕУ.

„Очекувам ние да ја завршиме пругата од Коридорот 8 од Крива Паланка до влезот во тунелот. Од излезот на тунелот до приклучувањето со постојната пруга, тоа се некои два-три километри, треба да се направи проект и тоа да го реализира Бугарија како држава, вклучително и модернизација на целокупната пруга од Ѓуешево до Софија, а тунелот да биде заеднички проект кој ќе биде финансиран од страна на Европската Унија. Ова се отприлика концептите кон кои треба да конвергира решението. Јас сум задоволен што покажуваме дека можеме да изградиме консензус кога станува збор за заедничкиот интерес“, рече денес премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во Владата.

По осуммесечна пауза вчера во Брисел продолжија преговорите за железничкиот Коридор 8, а утрово Министерството за транспорт извести дека ги договориле чекорите за следните месеци и ги идентиикувале приоритетите меѓу кои е и повторно објавување на тендерот за работите на железничкиот дел помеѓу Крива Паланка и влезот на прекуграничниот тунел до крајот на 2025 година.

На состанокот беа државниот секретар во Министерството за транспорт на Македонија, Стефан Волкановски, директорот на ЈП „Железници –инратсруктура“, Синиша Ивановски, заменик-министерот за транспорт и врски на Бугарија, Љубен Нанов, а состанокот го организираше Валентина Суперти, директорка за Западен Балкан во Директоратот за проширување и Источно соседство.

Македонската и бугарската страна се договориле да формираат работни групи кои до крајот на овој месец ќе го финализираат текстот на меѓувладиниот договор со цел да се утврдат конкретните обврски на двете страни за техничките, финансиските, градежните и оперативните аспекти.

Од Министерството за транспорт и врски соопштија дека очекуваат договорот да биде потпишан оваа есен, градежните работи да почнат на почетокот на 2026 година, а тунелот да се гради по техничкиот проект поднесен од нашата земја.

За една година значително се смени ставот на Владата предводена од Христијан Мицкоски за изградбата на железничката пруга кон Бугарија. Лани, веднаш по доаѓањето на власт премиерот Мицкоски и министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, ја уверуваа јавноста дека парите наменети за изградба на железничката пруга треба да се пренаменат за реализација на некој друг проект оти „би било лудо да се сложиме како Влада на проект којшто завршува на пола тунел во слепа улица и да потрошиме половина милијарда евра народни пари“./Макфакс

Текстот Напредок во преговорите за пругата која се гради еден и пол век: тунелот да биде заеднички проект со Бугарија, а да го плати ЕУ е превземен од МАКФАКС.