Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола донесе наредба за спроведување истражна постапка против две лица за тешка кражба.
За период од околу 2,5 месеци, од февруари до крајот на април годинава, двајцата осомничени М.М.(39) од Ресен и И.Б.(19) од Ресен, во повеќе наврати насилно влегувале во објекти од цврста градба на железничката делница од пругата „Поранешно Фринко“ до селото Кремница, кои служеле за команда на светлосна и звучна сигнализација за железничкиот сообраќај.
Кршејќи ги решетките од долниот дел на вратите со кои биле обезбедени вкупно 8 објекти сопственост на оштетеното Јавно претпријатие за железничка инфраструктура – Железници на Македонија – Скопје, осомничените демонтирале и одзеле вкупно 58 акумулатори со различна јачина, со што ја загрозиле сигурноста на железничкиот сообраќај.
Потоа, двајцата осомничени ги продавале украдените акумулатори како отпадно железо.
Пријава е поднесена и против Д.Н.(29) од Битола и М.Џ.(27) од Охрид поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „прикривање“.
Тие за одредена сума ги откупиле предметите и покрај тоа што знаеле дека потекнуваат од кривично дело и не го пријавиле во МВР.
На тој начин пријавените предизвикале материјална штета во висина од 10.606.746 денари. На прво и второпријавениот од страна на судија на претходна постапка одредена им е мерка притвор во траење од 30 дена./Макфакс
Текстот Крадци украле акумулатори и нанеле штета од над 10 милиони денари на ЈП за железничка инфрастрактура е превземен од МАКФАКС.