Бујар Османи од Демократската унија за интеграција (ДУИ) денес официјално ја објави својата кандидатура за градоначалник на општина Чаир. Одлуката, како што истакна, е резултат на долг период на консултации и сериозно преиспитување, донесена заеднички со луѓето што му се најблиску.

„Не се работи за функција. Они кои ме знаат, добро знаат дека сѐ што правам, во секој предизвик, влегувам искрено, влегувам целосно без никакви задршки. Се работи за одговорност кон сопствениот дом, затоа што граѓаните на Чаир не заслужуваат да живеат во супстандардни и небезбедни услови, не заслужуваат да бидат игнорирани и омаловажувани.“, порача Османи.

Тој истакна дека влегува во оваа трка со посветеност, посочувајќи дека сака иднината на децата во Чаир да биде подобра, а нивното секојдневие побезбедно и поквалитетно.

„На Чаир му се потребни промени вистински, длабоки и човечки промени. Знам дека тие промени не се лесни, и затоа долго размислував пред да ја донесам оваа одлука. Јас не бегам од тешки мисии, напротив, верувам дека со чесна намера, секојдневна работа и професионален пристап, можеме да го промениме Чаир. Да го вратиме достоинството и да отвориме нова страница, со врата што никогаш нема да биде затворена за граѓаните“, рече Османи.

На крајот од своето обраќање, им се заблагодари на сите кои му ја изразиле поддршката во изминатиот период./Макфакс

Текстот Бујар Османи ја објави кандидатурата за градоначалник на Чаир: „Не се работи за функција“ е превземен од МАКФАКС.